Црната статистика за настрадани мотоциклисти во сообраќајни незгоди изминативе месеци загрижува, како и статистичките податоци од минатите години кои покажуваат дека мотоциклите претставуваат до два отсто од вкупниот број возила во земјава, учесници во патниот сообраќај, а приближно 10 отсто од вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди се мотоциклисти, порачува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
Според РСБСП, несоодветната брзина на возење и неупотребата на заштитна опрема и заштитен шлем се издвојуваат како главни причини за трагичните последици од сообраќајните незгоди во кои учествуваат мотоциклистите.
Токму затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата им препорачува на мотоциклистите да носат заштитен шлем (кацига), рефлектирачки елек и друга заштитна опрема, да ја намалат брзината, да користат трепкачи, да одржуваат растојание, да ги користат двете сопирачки, да избегнуваат „мртви агли”, да не возат слалом и да престигнуваат правилно, да не возат под дејство на алкохол и други психотропни супстанци и да управуваат со возилото на начин на кој не се намалува неговата стабилност.
-Вистинските мотоциклисти, вистинските љубители на мотоциклите се внимателни и одговорни учесници во сообраќајот и редовно користат кацига и друга заштитна опрема. Но, не е мал бројот и на оние мотоциклисти кои сакаат да доминираат во сообраќајот, кои сакаат да се истакнат со брзо возење, со слалом возење, со непочитување на сообраќајните знаци, непочитување на правилата на првенство на минување, поминување на црвено светло на семафор итн. Затоа, РСБСП апелира до љубителите на мотоциклот – „биди вистински мотоциклист, секогаш користи кацига, заштитна опрема и почитувај ги сообраќајните правила и прописи. Покажи како треба и како се сакаат „двете тркала”!, посочуваат од РСБСП.
Изминативе неколку месеци, додаваат, црната статистика е полна со извештаи за загинати и повредени мотоциклисти во сообраќајни незгоди.
-Топлото време, почетокот на мото „сезоната” и намалениот сообраќаен метеж поради корона кризата беше „неодолив” предизвик за голем број мотоциклисти. Зголеменото присуство на мотоциклистите во сообраќајот само по себе не значи загрозување на безбедноста во сообраќајот доколку сите мотоциклисти се одговорни учесници во сообраќајот и доколку сите возачи покажуваат почит кон мотоциклистите како рамноправна и ранлива група на учесници во сообраќајот, нагласуваат од РСБСП.