Исламистичкото барање Франција да се извини и да плати компензација за нејзиното колонијално присуство во Тунис беше одбиено вчера во тунискиот парламент по жестоката дебата со која се потврди дека оваа северноафриканската земја се обидува да ја прифати иднината, наместо постојано да го ревидира минатото, пренесува „Асошиејтед прес“.
Противниците на иницијативата победија во аргументирањето тврдејќи дека ваквиот потег ќе предизвика економска непогода, со оглед на тоа што Франција е најголем трговски партнер на Тунис и примарен странски инвеститор, и истакнувајќи дека предложениот закон нема да ја смени историјата. Франција е исто така дом на еден милион Тунижани.
Поддржувачите на иницијативата рекоа дека е неопходно извинување за да се сврти страницата во овој мрачен период во односот на двете земји и да им се даде еднаква позиција.
Франција го окупираше Тунис како протекторат 75 години, од 1881 до 1956 година. Француските војници ја напуштија територијата со мнозинско муслиманско население во 1963 година.
Иницијативата за барање официјално и јавно извинување од Франција за злосторствата, атентатите, тортурата, силувањата, присилното депортирање и грабежите на природни ресурси ја поднесе исламистичката националистичка партија Коалиција Ал Карама, која има само 19 пратеници во собранието од вкупно 217 пратенички места.
Иницијативата беше одбиена по 14 часовна расправа, при што 77 пратеници гласале против, 46 биле воздржани и пет биле за. За да биде усвоена, на иницијативата ѝ беше потребно апсолутно мнозинство од 109 гласови. Отфрлениот предлог-закон исто така предвидуваше барање за компензација на Туниси на сите оние кои претрпеа болка во колонизацијата.
„Нас не не водат горчината или омразата, но таквото извинување ќе ги залечи раните од минатото“, тврди претседателот на Ал Карама, Сеифедин Маклуф.
Тој го искористи примерот на Германија, која ѝ се извини на Франција по нацистичката окупација, истакнувајќи дека двете земји сега се сојузници и водечки партнери во Европа. Негодувањето следеше кога го нападна првиот претседател на Тунис, Хабиб Бургуиба, нарекувајќи го слуга на Франција.
Тунис во последниве години се обидува повторно да се вклучи во Европа и да се придвижи кон модернизација на своето општество и култура. Оваа демократска транзиција му даде на Тунис нов устав, го отвори патот за слободни избори и засилување на еднаквоста меѓу половите. Во истовреме Тунис се бореше со смртоносни исламски терористички напади.
Минатата година Тунис стана првата арапска нација што во своите училишта воведе сексуално образование. Министерството за образование на Тунис им се приклучи на агенцијата на ОН, Туниското здружение за сексуално и репродуктивно здравје и на Арапскиот институт за човекови права за создавање на наставна програма за сексуално образование што ќе се спроведува уште во градинките.