Предлогот на ДУИ за иден премиер Албанец е популистички и лажен чекор и јасно е дека со тоа ќе губат гласови и ќе одат во опозиција, порача претседателот Зоран Заев во вечерашното издание на емисијата „Клик плус” на Телевизија 21.
ДУИ вели премиер Албанец но не го кажува името на кандидатот, тоа покажува дека ова е попултстички потег, политичко калкулантство со што ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните. Предлогот им е национал-популистички и затоа ДУИ ќе губи гласови и ќе оди во опозиција. Можеби е време ДУИ да помине во опозиција после 17 години седење во власта. Тоа ќе биде здраво пред се за државата и народот, а богами здраво е и за самата ДУИ, порача Заев.
Кој ќе биде премиер, додаде Заев ќе одлучат само граѓаните на денот на гласањето.
Граѓаните одлучуваат кој ќе биде мандатар за премиер, не ДУИ, затоа граѓаните да излезат и да си гласаат, тие одлучуваат, а не ДУИ, посочи претседателот Заев.
Заев посочи дека СДСМ е основоположник на концептот едно општество за сите и нема проблем со тоа кој на која етничка заедница припаѓа.
Ние не ги делиме луѓето, граѓаните знаат, ако имаме кандидат Албанец за било која функција, ќе го предложиме. Во Владата има министер Албанец од СДСМ, имаме потпретседател на партијата, градоначлници, советници, директори, пратеници, сите од СДСМ, имаме фукционери и од другите етнички заедници, ја предводиме првата мултиетничка предизборна коалиција, затоа велам дека предлогот на ДУИ е популистички и тоа ќе ги чини гласови и одење во опозиција, заклучи претседателот Заев.