Согласно со протоколот за иселување на студенти од објектите на државните студентски домови, кој Владата го усвои на вчерашната 64-та седница, Државниот студентски дом „Скопје” соопшти дека иселувањето ќе почне во понеделник.
-Процесот ќе започне во понеделник на 15 јуни 2020 и ќе се спроведува во период до 3 јули 2020 година, во работните денови од 8 до 16 часот, објави на Фејсбук Дарио Николовски, директор на Државниот студентски дом „Скопје”.
Домовите се напуштени од студентите од средината на март кога беше донесена и одлуката за затворање на факултетите (и училиштата и градинките).
На тие што имаа потреба тогаш да подигнат основни лични работи, тоа им беше овозможено во четири дена, од 7 до 10 април, во одредени периоди согласно со (тогаш) ограничувањата на движењето поради полицискиот час.
За посета на домовите студентите беа пуштани во ограничен број и со почитување на препораките за заштита. Студентските домови во овој период беа и дезинфицирани.