Во МВР е формиран и почна официјално со работа трет синдикат, а тоа е Синдикат на полиција во Македонија, информира на денешната прес-конференција претседателот на овој синдикат Орце Коцевски.
Тој ги отфрли како неточни и тенденциозни сите наводи дека е овој синдикат е формиран само да биде замолкнат еден друг синдикат во МВР.
Акцентот на синдикалната борба, нагласи Коцевски, е против непрофесионализмот, стоп за невладеење на правото, крај на вознемирувањето на работниците, униформа и опрема според европски стандарди, решавање на прашањето за неказнување напад врз полициските службеници, нов колективен договор со подобри права, бесплатна правна помош за секој член, поголема плата и додатоци…
Од овој Синдикат, меѓу другото побараа министерот за внатрешни работи Наќе Чулев да ја обелодени во детали правната разврска на сите незаконски решенија издадени во минатото и одговорност на лицата кои стојат позади такви незаконски издадени решенија.
Претседателот на Синдикат на полиција во Македонија Орце Коцевски побара Македонскиот полициски синдикат да се извини, за како што рече, навредите и клеветите на вчерашната прес-конференција, во спротивно ќе покренат постапка согласно законот, за изречените навреди и клевети.