Косовскиот премиер Авдулах Хоти на денешната средба со амбасадорот на Норвешка во Косово Јенс Ерик Грондал изјави дека неговата Влада е посветена на постигнување финален договор со Србија, кој, според него, ќе резултира со меѓусебно признавање на двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението од средбата се наведува дека Хоти го информирал амбасадорот Грондал и за приоритетите на Владата на Косово во борбата против Ковид-19, мерките за економско закрепнување, агендата на европските реформи, јакнењето на владеењето на правото и за општите состојби во земјата.
– Премиерот Хоти се заблагодари за помошта од Норвешка доделена на Косово во сите фази на развојот, оценувајќи дека јакнењето на соработката меѓу двете земји е од посебно значење и во иднина, се вели во соопштението.