Со оглед на фактот дека уредбите со законска сила се врзани со овластувањето на Владата да ги носи овие акти само во време на вонредна состојба, со престанокот на вонредната состојба престануваат да важат и уредбите со законска сила, пишува во својата денешна колумна професорката Татјана Каракамишева.
-Пендаровски денес соопшти дека нема да прогласи нова вонредна состојба иако бројките на новозаразени лица се алармантни. Смета дека државата функционира добро, дека има доволно економски мерки за следниот период, дека има залихи на медицински материјал. Вонредната состојба истекува утре, на 13 јуни на полноќ, што значи дека веќе од недела, 14. јуни Македонија се враќа во редовна состојба со примена на Уставот и законите. По престанокот на вонредната состојба, согласно член 126, став 2 од Уставот, престанува овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила. Со оглед на фактот дека уредбите со законска сила се врзани со овластувањето на Владата да ги носи овие акти само во време на вонредна состојба, со престанокот на вонредната состојба престануваат да важат и уредбите со законска сила.Ова не е само уставна логика извлечена од уставната одредба дека овластувањето дава моќ, легалитет и легитимитет за носење на уредби со законска сила, туку и мислење на Венецијанската комисија во кое јасно се наведува дека „уредбите треба да го изгубат својот правен ефект во моментот на престанокот на вонредната состојба“ (Compilation of Venice Commission Opinions and Reports on States of Emergency https://www.venice.coe.int/webforms/documents/?pdf=CDL-PI(2020)003-e, (стр. 21).
Што практично значи престанокот на вонредната состојба во наши околности?
Освен престанокот на важењето на уредбите со законска сила, повторното враќање на правната состојба во земјата во редовен колосек ќе значи дека ДИК, од недела 14 јуни кога престанува вонредната состојба, повеќе нема да биде обврзана да ја следи првата уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, ниту втората, уредбата со законска сила за дополнување на уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес. Ова практично значи дека ДИК ќе мора да работи исклучиво во согласност со Уставот и со Изборниот законик.
Со оглед дека Изборниот законик не познава институти како „прекинување на изборни дејствија“ и „продолжување на изборните дејствија“, впрочем не го познава ниту терминот „изборни дејствија“, сите изборни рокови ќе мора да се вратат од почеток ако сакаме изборите да бидат легални, легитимни, фер, демократски и кредибилни, пишува Каракамишева.