Комуналните редари на Град Скопје во наредниов период ќе ги едуцираат граѓаните како правилно да го одлагаат отпадот во новите полуподземни контејнери што се поставени на улицата Никола Русински, зад ТЦ „Лептокарија“ во Карпош 3. Целта на оваа активност е да се подобри хигиената на јавните површини и да се овозможи брзо и ефикасно подигнување на отпадот од домаќинствата.
Пред два дена, Градот Скопје почна пилот проект за тестирање нов вид контејнери за отпад од домаќинствата – полуподземни контејнери. За таа цел, на улицата Никола Русински се поставени 6 вакви контејнери, од кои 2 се со капацитет од 3 кубни метри, а 4 се со капацитет од 5 кубни метри. Овие контејнери имаат предности во однос на другите видови садови за отпад – поголем капацитет, мал надземен дел, побрзо празнење, можност за заклучување и поголем век на експлоатација.
Овој пилот проект дава можност и за селектирање на отпадот, а граѓаните покрај селекцијата на комуналниот отпад ќе можат да селектираат и електронски и кабаст отпад. Во неколку месечниот тест период во рамките на овој пилот проект Градот Скопје ќе ги согледа сите предности и предизвици од користењето на овие садови за отпад од домаќинствата, по што ќе бидат направени анализи за исплатливоста од инвестирањето во вакви контејнери.
Градот Скопје упатува апел граѓаните прописно да го фрлаат отпадот од домаќинствата користејќи ги садовите исклучиво во согласност со нивната намена, притоа ѓубрето да го фрлаат во пропишаното време, односно од 19 до 22 часот, во затворени пластични ќеси, не оставајќи храна и облека надвор од контејнерите.