Концесионерот на најголемиот аеродром во Словенија, Брник, крај Љубљана, најави дека планира да отпушти поголем број вработени.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, раководството на Фрапорт Словенија, компанија која управува со аеродромот, смета дека имаат вишок на вработени, па затоа е потребно отказ да добијат 120 работници.
На ова остро се спротивставија сите три синдикати на вработените во авиосообраќајот, кои сметаат дека државата треба да помогне да се задржат работните места.
-Аеродромот Брник, односно Јоже Пучник, со кој управува Фрапорт Словенија е инфраструктурен објект од голем државен интерес и затоа сме убедени дека е можно да се најдат други решенија за кризата, а тоа да не биде преку отпуштање на вработени, се наведува во соопштението потпишано од Синдикатот на аеродромот, Слободните синдикати на аеродромот во Љубљана и Синдикатот на професионални пожарникари на аеродромот во Љубљана.