Најмалку четири лица загинаа , а уште осум се повредени во експлозија во џамија во западниот дел на Кабул за време на денешната петочна молитва, соопшти авганистанското Министерство за внатрешни работи.
„Експлозивна направа беше поставена и активирана во џамијата Шир Шах-е-Сури за време на петочната молитва”, се наведува во соопштението на министерството, додавајќи дека меѓу жртвите е Азизулах Мофле, кој ја предводел молитвата.
Портпаролот на министерството, Тарик Аријан, изјави дека полицијата веднаш ја опколила областа и помогнала во транспортот на повредените во околните болници.
Досега ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот, но џамијата беше нападната и претходно овој месец од страна на ќелија на милитантната група Исламска држава од авганистанската провинција Нангархар.
-Интересно е што секогаш кога имаме напредок за постигнување на мирот, се случува еден ваков напад, изјави Хабиб Вардак, аналитичар за национална безбедност од Кабул, пренесе „Ал Џазира”.
„За минатонеделниот напад врз џамијата одговорноста ја презеде ИД. Значи, и покрај тоа што секој ден имаме владини прес конференции на кои се слуша дека ИД е елиминирана, како тогаш тие можат да извршат вакви софистицирани напади”, праша тој.
Движењето на талибанците веднаш се дистанцираше од нападот. Во соопштението објавено на социјалните мрежи портпаролот на талибанците, Забихулах Муџах, изјави дека нападот е дел од заговор на „непријателите” во време кога преговорите напредуваа.
Авганистанската Влада го опиша нападот како „нехуман” и „спротивен на принципите на исламот”.