Владата денеска заклучи дека по престанувањето на вонредната состојба, остануваат во сила мерките со кои се ослободуваат од работните обврски родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, хронично болните лица и бремените жени, самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои што ја користат услугата дневен центар, како и лицата кои што на работа одат со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, со можност, доколку е тоа остварливо да ги извршуваат работните задачи од дома, како и сите мерки и протоколи опфатени во Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирусот КОВИД-19.
На предлог на Агенцијата за млади и спорт, на седницата е донесена Уредба со законска сила за финансиска поддршка на здруженијата и фондациите за мерка за справување со КОВИД-19 кризата, насочени кон младите за време на траење на вонредна состојба, со која се уредуваат критериумите и постапката за финансиска поддршка за проекти за млади на оваа тема со исплата на грантови во износ од 300.000 денари.
Измена и дополнување денеска е прифатена и за Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од Коронавирусот КОВИД-19 за време на вонредна состојба, со што рокот за користење на финансиската поддршка на овие лица се проширува и за месец јуни.
Владата денеска ја дополни и Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба, и сега таа ги опфаќа и студентите од третиот степен во високото образование, односно и студентите што се на постдипломски студии на возраст до 29 години.
На оваа седница Владата ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба, со што се уредува воведувањето на коронавирусот КОВИД-19 во групата на заразни болести за кои Законот воспоставува обврска за пријавување од страна на лекарите и здравствените установи како причина за заболување или смрт.
Со Уредбата за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба, која исто така беше усвоена на оваа седница, се уредува можноста министерот за здравство, за целото време на постоење на заразната болест КОВИД-19, а заради ефикасно, ефективно и навремено дијагностицирање, третман, лекување, нега и рехабилитација на лицата заболени од оваа болест, по потреба, со наредба да упатува здравствени работници, односно здравствени соработници и помошно-технички лица вработени во јавна здравствена установа во мрежата на работа во друга јавна здравствена установа во мрежата. Притоа, за време на извршувањето на работата во јавната здравствена установа во која се упатени, здравствените работници, односно здравствените соработници и помошно-техничките лица правата и обврските од работниот однос да ги остваруваат во здравствената установа во која имаат засновано редовен работен однос.
На денешната седница е дополнета и Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравственото осигурување за време на вонредна состојба, со што на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија му се дава можност да го утврди начинот и активностите за остварување на правото на лекови на осигуреното лице без приложување на рецепт.
Денеска се донесени измени и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за инспекциски надзор за време на вонредна состојба за да се овозможи спроведување на испитот за стекнување на инспектор со лиценца од причина што Владата усвои Протокол за превентивни мерки за сите работни места, со што се создадени и технички услови за спроведување на овој испит, и обуките за стекнување на инспектор со лиценца, како и стручното усовршување и обука на инспекторите ќе се реализираат по завршување на вонредната состојба, односно кога ќе се воспостави платформата за електронско спроведување на обуки што се очекува најдоцна до 31 август 2020 година.
Со измени и дополнувања Владата го продолжи рокот на Уредбата со законска сила за примената на Законот за извршување за време на вонредната состојба заклучно со истекот на 30 дена по престанувањето на вонредната состојба.