Кампањата на Џо Бајден, поранешен потпретседател и сигурен кандидат за претседател од Демократсктата партија, смета дека социјалната мрежа Фејсбук дозволува претседателот Доналд Трамп да постира секакви информации на ова мрежа, па и лажни.
За ова се говори во отвореното писмо на изборниот штаб на Бајден, испратено синоќа до раководството на Фејсбук, и потпишано од самиот кандидат.
Бајден, најверојатниот демократски кандидат за претседател, на изборите во ноември ќе се соочи со актуелниот претседател Доналд Трамп, се уште непотврден, но сигурен кандидат на републиканците.
Во писмото на Бајден се вели дека администрацијата на Фејсбук ветувала дека ќе преземе мерки за „спречување на ширење на дезинформациите”.
Според него, вработените во социјалната мрежа не преземаат „никакви оперативни мерки” и му дозволуваат на Трамп да „зборува што сака и да ги плаќа неговите бесмислени изјави да бидат прочитани од милиони избирачи”.
Како што сметаат од изборниот штаб на Бајден, Трамп, но и организации и лицата кои искажуваат поддршка за него, со помош на Фејсбук „шират информации кои водат до заблуда околу гласањето на изборите” .
Социјалната мрежа Твитер, пак досега симна неколку твита на Трамп за кои сметаше дека ја нарушуваат политика на социјалната мрежа за ширење лажни иноформации или поттикнување омраза или расизам.