Бар на плажа недалеку од Атина доби парична казна од 20.000 евра, а неговата дозвола за работа е суспендирана на два месеци, затоа што беше домаќин на стотици луѓе со што ги прекрши владините ограничувања наметнати поради коронавирусот.
Инцидентот се случил неколку дена откако друг бар на плажа, исто така, бил затворен 60 дена на популарниот остров Миконос, кој неодамна беше отворен за туристите, пренесува АП.
Грција официјално ќе ја отвори туристичката сезона на 15 јуни, со мали проверки на патниците на аеродромите во Атина и Солун, додека другите аеродроми ќе бидат отворени на 1 јули.
Властите предупредија дека ќе бидат строги спрема локалите кои ги игнорираат ограничувањата и дека се подготвени да воведат локални карантини за да спречат нови жаришта.
Така, воведен е еднонеделен карантин во северниот регион Ксанти, откако скокна бројот на заразени лица.
Во последните 24 часа во Грција се пријавени 20 нови случаи на коронавирус, а од почетокот на епидемијата се заразени 3.088 лица.