Започнаа теренските активности за уредување на јавниот простор во Карпош 1, на улицата „Иван Аговски“ меѓу зградите со број 8 и 10.
На овој потег се предвидува садење на нова трева, на површина од 1.300 м2. Со цел одржување на зеленилото и негова поголема функционалност, ќе се постави и нов систем за наводнување. Дополнително, хортикултурно ќе биде облагороден овој дел со садење на нови украсни растенија.
Механизацијата веќе работи и на новото детско игралиште, кое ќе овозможи рекреација и дружба за најмладите сограѓани.
- Со овие маалски центри, сакаме секоја урбана заедница/населба да добие свое јадро, место за рекреација, поминување на слободното време, организирање на настани, партија шах и сл. Токму минатата година, го ресетиравме и Меморијалниот турнир „СОКОЛ“ кој е симбол на маалската дружба во Карпош 1, рече градоначалникот Стефан Богоев при денешната посета на населбата.
Неодамна, целосно беше уреден и делот спроти Драмски театар, во Карпош 2, каде што беше засадена нова трева, поставен систем за наводнување, а се монтираше и нова урбана опрема (клупи и корпи за отпадоци).
Паралелно се работи и на новиот спортско – рекреативен центар во Карпош 3, во дворот на основното училиште „Лазо Трповски“.
Општина Карпош продолжува да инвестира во заштита на животната средина, во развивање на населби кои овозможуваат поквалитетен живот за сите граѓани.