Општина Центар најави изградба на нова детска градинка во населбата Пролет. Градоначалникот Саша Богдановиќ на денешната прес-конференција го претстави идејното решение за изградба на првата самоодржлива градинка на територијата на Центар и генерално во државата. Објектот ќе овозможи 70 отсто самоодржливост и енергетска ефикасност. Според проектот, новата градинка ќе биде со нето површина од 1.500 м² и ќе има капацитет за згрижување 150 деца. Објектот ќе биде лоциран во непосредна близина на ООУ „11 Октомври“, во средина со доминантно зелени површини и објекти за станбено домување.
„За првпат на територијата на Општина Центар ќе биде изградена нова самоодржлива градинка. Со проектирање на објектот во населбата Пролет, ќе добиеме детска градинка која ќе биде различна од останатите градинки и уникатна во однос на нејзината енергетската ефикасност и самоодржливост. Со овој капитален проект, Општина Центар поставува нови стандарди во грижата за најмалите и заштита на животната средина, како и за зголемување на капацитетите и подобрување на просторните и образовните услови за правилен раст и развој на децата“, изјави Богдановиќ.
На градинката ќе бидат поставени сончеви колектори, енергетска ефикасна фасада, стаклена фасада на дел од прозорите со УМ10 стандард и прочистувачи на воздух. Сите градежни материјали и вградени инсталации ќе ги задоволат стандардите во однос на конструкцијата, противпожарната безбедност, топлотната и звучната изолација, заштитата од влага и енергетската ефикасност. Енергетски ефикасната фасада ги спречува сончевите и другите негативни атмосферски влијанија, додека флот-стаклата претставуваат посебна заштита, обезбедувајќи природна светлина во најголем дел од денот.
„Ние како локална самоуправа продолжуваме со капиталните инвестиции за изградба на локалната инфраструктура. Овој проект има огромно значење за жителите на Центар, бидејќи за првпат, со изградба на нова градинка, ќе го решиме проблемот на жителите кои живеат во населбата Пролет и ќе имаат можност да ги запишат своите деца во градинка што е во близина на нивното место на живеење“, истакна Богдановиќ.
Начинот на димензионирање, содржините и капацитетот на објектот ќе бидат според Правилникот за стандардите и нормативите за вршење на дејноста на детски градинки и во согласност со Законот за заштита на децата.