Француската полиција денеска протестираше во голем број градови против владината забрана за постапката за задушување и техниките на физичка воздржаност за ограничување на движењето на една личност. Владата ја донесе одлуката како одговор на гневот на јавноста за смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во САД и наводната полициска бруталност во Франција.
Во Париз, полицајците паркираа десетици службени возила кај Триумфалната порта, а потоа поминаа низ Елисејските полиња. На едно комбе беше закачен транспарент со „Нема полиција, нема мир”, а на друго фотографија на која се прикажани повредени полицајци нападнати за време на должност.
Протестите беа организирани по состанокот на претставниците на полициските синдикати и министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, свикан за да се обиде да го смири гневот кај полицајците поради владините мерки.
– Претставниците на синдикатот му пренесоа порака на министерот дека постапката на задушување всушност спасува животи и дека полицајците мора да ја имаат на располагање оваа техника сè додека не се најде соодветна алтернатива, рече Фабиен Ванхемелрик од Националното здружение на полицајци.
То истакна дека полицијата не може да биде одговорна за се што не чини во општеството.
– Втората работа што му ја кажавме беше да престане да купува социјален мир … на начин што ќе им угодуваме на некои групи на штета на полицијата, рече Ванхемелрик .
Во париското предградие Бобињи синоќа полицајците протестираа пред станицата и ги фрлија лисиците на земја. Во Лион, пак, полициските службеници ги паркираа возилата на централниот градски плоштад со вклучени ротирачки светла.