Партијата Движење самоопределување (ВВ) ќе одржи денеска во центарот на косовскиот главен град сенароден собир, со кој ќе ги одбележи 21-годишнината од ослободувањето на Косово и 15-годишнината од сопственото основање, јави дописникот на МИА од Приштина.
Собирот ќе се одржи на плоштадот „Скендербег”, со почеток во 17 часот, а од партијата наведуваат дека очекуваат присуство на над 15 илјади граѓани, кои ќе ги почитуваат мерките пропишани од здравствените власти за заштита од коронавирусот.
Лидерот на ВВ, доскорешниот премиер Албин Курти, изјави дека собирот ќе биде мирен, со музика и пригодни говори, додека, како што порача во своето вчерашно обраќање, протести со барање за избори „ќе има понатаму, затоа што протестите се неминовни”.
– Мирен јавен собир, в петок, на плоштадот „Скендербег”, во 17 часот, за да ги одбележиме 21-годишнината од ослободувањето на Косово и 15-годишнината од основањето на Самоопределување, напиша Курти на својот Фејсбук.
По повод денешниот собир реагира Амбасадата на САД во Косово, која ги повика американскиот владин персонал и американските граѓани да ги избегнуваат приштинските плоштади, напоменувајќи дека „и собирите кои се прокламираат како мирни можат да се претворат во насилни”.
Освен тоа, порача американската амбасада, „таквите собири со голема бројност можат да се претворат во супер-настан за ширењето на Ковид-19″.
Курти во изјава за медиумите соопштението на американското дипломатско претставништво го оцени како „шаблон кој редовно се користи кога има собири”.
Косовската полиција потврди дека организаторите го пријавиле одржувањето на денешната манифестација и најави дека ќе се преземат сите законски мерки за да се зачува јавниот ред и мир и јавното здравство, како и да се почитуваат одлуките и мерките за заштита од пандемијата.