Иран денеска го отфрли извештајот на Обединетите нации (ОН) во кој се вели дека крстосувачките ракети што минатата година ги погодија нафтените постројки и аеродромот во Саудиска Арабија биле од „иранско потекло”.
Во вчерашниот извештај на ОН, објавен од британските медиуми, исто така, се наведува дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, му кажал на Советот за безбедност дека неколку парчиња оружје и сроден материјал што во ноември 2019 и февруари 2020 година биле запленети од американските сили биле со „иранско потекло”..
„Иран ги отфрла тврдењата на Генералниот секретаријат на ОН за кои, се чини, се под притисок на режимите на САД и Саудиска Арабија”, се вели во соопштението на иранското Министерство за надворешни работи.
„Интересно е што тој извештај доаѓа во време кога Соединетите држави подготвуваат нацрт на опасна резолуција што ќе го продолжи ембаргото за оружје на Иран”, се додава во соопштението.
Иран во средата ги повика Русија и Кина да се спротивстават на повиците на Вашингтон за продолжување на ембаргото, што треба да заврши во октомври, како дел од нуклеарниот договор меѓу Техеран и светските сили потпишани во 2015 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп во 2018 година унилатерално ги повлече САД од договорот, а неговата влада врши притисок врз ОН за проширување и зајакнување на ембаргото, тврдејќи дека укинувањето ќе му овозможи на Техеран да тргува со оружје и со тоа да ги ескалира конфликтите на Средниот исток.
Вашингтон се закани дека доколку ембаргото не биде продолжено може да ги врати сите санкции за Иран наметнати со нуклеарниот договор, иако го напушти договорот.