Уредбата за враќање на плажите на Охридското Езеро во првобитна состојба ја подели јавноста

Владина Уредба за враќање на плажите на Охридското Езеро во првобитната состојба пред издавањето под концесија ја подели јавноста во Охрид и Струга, на генерално спротивставени ставови.

Граѓаните ги искористија социјалните мрежи за да ги изнесат дијаметрално различните видувања по одлуката. За дел од нив плажите се украс на крајбрежјето, издавањето под концесија резултирало со уредување на просторот, со нагласок и на економскиот фактор дека голем број граѓани живеат од стопанисувањето со нив, оти значајно придонесуваат во локалната економија. За други концесијата значи едноставно начин да се дозволи богатење на поединци, атак врз природниот изглед на езерото, присвојување на јавниот простор и узурпација, одземање на простор од граѓаните кои, како што велат, останале без плажа на езерото и слично.

Самите поранешни концесионери веднаш реагираа на Уредбата, со забелешки дека е работи за неосмислен обид на решавање на проблем што постои со години наназад.

Владината уредба значи барање од концесионерите на плажите на Охридското Езеро да ги вратат во првобитна состојба, односно уривање на голем број објекти на крајбрежјето. Во дел од тие објекти навистина се вложени големи материјални средства, но сепак со ставањето на потпис врз документот за стопанисување истите концесионери се обврзаа после истекот на закупот просторот да го вратат во првобитна состојба.

Тиа признаваат дека договорите за концесија не се продолжени од пред две до три години, но оти тоа не било поради нивна вина односно не им била дадена шанса за продолжување на концесиите.

-Последната наша концесија заврши во 2017 година, оттогаш ние чекаме да се среди ова прашање, дали со наддавање или доделување. Ние сме подготвени да ги прифатиме одлуките на општината, но не се најде за овие 3-4 години решение за тој проблем и сега наеднаш дојдовме во ситауација во која се најдовме, изјави Митко Пендов, концесионер на плажата „Потпеш”.

Тој вели дека Уредбата која е со законска сила ќе мора да се почитува, но оти веќе им е смачено да бидат третирани како криминалци затоа што тие придонеле за уредување на простор што бил запуштен и воопшто непосетен од гости претходно.

-Ние ќе ја почитуваме одлуката без разлика на финансиските импликации. За жал најмногу ќе изгубат вработените, градот Охрид како понуда и државата во однос на финансиските средства што секоја година ги уплаќаме по основ на даноци и придонеси. Преку лето вработувавме 40 лица. Во текот на зимата на платен список задржавме 12 лица иако не работевме. Некој треба да размисли дека штетата што ќе се направи од овие избрзани чекори не ќе може да се надомести долги години. Некој треба да се свести и да го гледа развојот на Охрид, рече тој.

Некои од концесионерите дури и ги подмириле обврските кон државата и општината за 2019 година, а сега се соочуваат со нешто неочекувано. Концесионерите на плажата „Куба Либре”, едно од напознатите и најпосетуваните места на брегот на Охридското Езеро со забелешка дека на овој начин се постоветуваат концесионери кои работат по сите норми и кои ги почитуваат одредбите, со поединци кај градат на диво и кај кои системот не успеал да воспостави владение на правото.

Но, реакции по одлуката има и од останатите угостители во градот, кои од порано укажуваа на нефер однос на државата кон нив токму поради работењето на одредени објекти на крајбрежјето. Според нив, поради нерешеното прашање околу концесионерството одредени објекти на крајбрежјето со години работаат без придонеси кон државата или плаќаат само симболични средства, а стопанисуваат со голем простор, со објекти од цврста градба и тоа во текот на целата година и уште повеќе – во летните месеци преку ден како плажа, навечер како кафе-бар, дури и како ноќни клубови, што според нив е нелојална конкуренција за оние локали што плаќаат високи кирии за закуп и давачки кон државата по сите основи.

Поделеноста по однос Уредбата највидлива е токму во реакциите на локалните самоуправи во Охрид и во Струга. Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески смета дека на тој начин конечно ќе се стави ред во искористувањето на брегот на Охридското Езеро за туристички цели.

-Оваа одлука придонесува за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, кои се во насока на минимизирање на заканите на исклучителната универзална вредност, е ставот Георгиески. Според него, уредбата ќе придонесе за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство, а исто така ќе придонесе и за исполнување на насоките на УНЕСКО.

 

За разлика од него, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко одржа средба со концесионерите со плажи на струшкиот дел од крајбрежјето, на која било оценето дека се работи за погрешна одлука што ќе има сериозен негативен импакт врз туризмот и локалната економија. Струшката локална самоуправа со став дека одлуката ќе ја обжали пред Уставниот суд, со предлог прашањето околу стопанисувањето со плажите и крајбрежјето да се уреди со нов закон.

Министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми, синоќа појасни дека Уредбата останува на сила, а се предвидува откако плажите ќе бидат вратени во првобитна состојба, истите да бидат вметнати во Планот за управување со Охридското Езеро, а потоа општините Охрид и Струга да можат да носат одлука дали ќе распишуваат повици за стопанисување, која плажа ќе се издава, за каква намена и слично.

-Одлуката е директно врзана со препораките на УНЕСКО и имплентација на Планот за управување со Охридското Езеро…Ситуацијата не е идеална, но и ние како Влада и граѓанскиот сектор и сите граѓани имаме иста цел – сите заедно да се бориме за Охрид и тоа не поради УНЕСКО, туку поради нас. Пристапот можеби ни е различен, но целта ни е заедничка, рече Адеми.

Владата на 63-та седница ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, која се однесува на плажите кои биле предмет на закуп, а предвидува сите концесионери чии договори се истечени или раскинати задолжително треба да ги вратат плажите со кои стопанисувале во првобитна состојба.

Треба да знаете
Последни објави