Прашање на денови е кога Европската Комисија ќе ја предложи преговарачката рамка што ќе биде исчекор во следната фаза на нашите преговори со земава, изјави вечерва евроамбасадорот Самуел Жбогар.
-Да, ние рековме дека преговарачката рамка, првичната верзија на рамката, Комисијата ќе ја предложи во јуни, ние се уште сме во јуни. Верувам дека во прашање се денови кога Комисијата ќе ја предложи преговарачката рамка, што ќе биде исчекор во следната фаза на нашите преговори. Да, се уште има разговори кои се водат во последните минути, што не значи дека тоа се однесува на вашата земја. Повеќе станува збор за имплементацијата на новата методологија во преговарачката рамка. Ова е новиот елемент, кој го немаше во претходните преговори, со Србија и Црна Гора. Затоа, малку е почувствително и сега се одвива одредено фино прилагодување во Брисел за тоа прашање. Но и покрај тоа, рамката ќе биде усвоена. Ова е документот кој ќе ги води преговорите, ќе ги содржи принципите и упатствата. Суштината на преговорите, како и процедурата. Ова е нацрт, кој потоа ќе биде претставен пред земјите членки, но тоа е секако значаен документ. Значаен чекор на патот на вашата земја кон ЕУ, вели Жбогар во интервју за ТВ Телма.
Тој посочува дека го нема видено документот, за којшто се уште ќе разговараат земјите членки, но убеден е дека нема да содржи негативни изненадувања по нас кога ќе го добиеме документот. Драфт верзијата ќе им биде презентирана на земјите членки, кои потоа ќе го финализираат документот, а таа финална верзија ќе биде позицијата на ЕУ за преговорите.
Евродипломатот одговара потврдно за тоа дали барањата од земји членки како Бугарија би можеле да се содржат во преговарачката рамка, но конечниот документ треба да го договорат сите земји членки.
-Да, ова е нацрт документ. За конечниот документ треба да го договорат сите земји членки. Сите тие се еднакви, големи ли мали, сите ги имаат истите права и сите треба да се согласат со документот. Значи, да и Бугарија исто така ќе треба да ја даде својата согласност на преговарачката рамка. Во текот на разговорите со земјите членки, за кои ќе биде потребно време, може да се случи неколку од нив да имаат одредени предлози или коментари. Но, како што реков, за рамката треба да биде постигната согласност на сите, но исто така и сите додатоци и коментари и промени, треба да бидат одобрени од сите земји членки, дециден е Жбогар.
За датата кога ќе се одржи меѓувладината конференција, која значи официјален старт на преговорите, Жбогар рече дека е тешко да се каже, но имајќи го предвид искуството на Србија и Црна Гора, со кои разговорите траеја неколку месеци, таа, вели, може да се одржи наесен, односно во втората половина од годината, кога Германија ќе претседава со ЕУ.
Покрај ЕУ, вели евроамбасадорот, и земјава треба да биде добро подготвена за преговорите. и покрај изборите кои што ги вршат политичарите, вели, нема причина зошто институциите да не почнат да ги подготвуваат преговарачките позиции, а откако ќе се формира нова влада и нов парламент, тие да бидат финализирани.
-Членството во ЕУ е национален приоритет и стратешка цел на вашата земја. Сите го споменуваат како главен приоритет, без разлика кој ќе победи на изборите. Не очекувам дека овој приоритет ќе се промени. Луѓето кои ќе преговараат треба да се експерти. Не ви се потребни политичари во преговорите. Можеби на врвот имате политичар кој ги предводи официјалните средби, но покрај тоа потребни ви се експерти кои ги подготвуваат ставовите и тоа не треба да бидат луѓе од оваа или онаа партија, туку да ја претставуваат Северна Македонија, од земјата за земјата. Затоа се надевам дека кога ќе добиете нови институции, можеби една од првите работи треба да биде да се обедините околу оваа национална цел, оценува Жбогар.