Албанија попладнево ги дочека првите туристи оваа сезона, по глобалното затворање поради пандемијата на Ковид-19. Авион на компанијата „Белавија” слета на меѓународниот аеродром во Тирана, со првите 198 туристи од Белорусија.
-Ова е прв чартер лет во Европа, многу добро е што почнаа од Албанија. Денеска тоа се туристи од Белорусија, а очекуваме и од Украина, Полска и другите балтички земји за да имаме стабилна сезона во Албанија, рече министерот за туризам Бленди Клоси, заблагодарувајќи се на компанијата што се согласила да има три чартер летови неделно во Албанија.
Аеродромот во Тирана функционираше и за време на пандемијата, но само за летови со граѓани затекнати во други земји и хуманитарна помош, но не и за туристи.
Албанија во моментов има отворени граници со сите земји во регионот, а е затворена за другите европски земји до први јули, кога Унијата ќе донесе друга одлука врз основа на епидемиолошката состојба со коронавирусот.
Во понеделник, 15 јуни ќе се реализира и првиот авиолет Тирана-Атина, по 10 март кога поради пандемијата Албанија го прекина авионскиот и поморскиот сообраќај кон сите земји.