Рускиот претседател Владимир Путин денеска изрази уверување дека уставните измени насочени кон заштита на историската вистина и неповредливост на границите на Русија, ќе бидат поддржани од мнозинството граѓани на престојниот референдум.
– Имаме заеднички историски кодекс, морални вредности и почит кон вредните луѓе и бранителите на татковината, нашата континуирана вековна историја, традиција и култура, рече Путин во обраќањето по повод Денот на Русија.
Претседателот на Русија зборуваше и за важноста на зачувувањето на споменот на предците, почитта кон родителите и семејството, љубовта кон земјата и заштитата на руските граници, јави ТАСС.
– Тоа се темелите што ја дефинираат нашата природа и судбината на нашиот народ, развојот на земјата денес и во иднина, рече Путин, додавајќи дека токму затоа толку често имало предлози за воведување на овие фундаментални, основни принципи во уставот на Русија.
– Убеден сум дека апсолутното мнозинство наши граѓани го споделуваат и поддржуваат овој став, истакна Путин.
Денот на Русија е национален празник кој се слави од 1992 година, на денот на усвојување на Декларацијата за државен суверенитет на Руската советска федеративна социјалистичка република.
Референдумот за уставните измени во Русија ќе се одржи на 1 јули. Освен што со нив се потенцира суверенитетот и неделивоста на територијата, се овозможува Путин да остане на власт до 2036 година.