Покрај градоначалникот Борис Георгиевски, уште еден вработен во општина Гази Баба е заразен со коронавирус. Како што информираат од општината, во текот на вчерашниот ден било доставено известување од вработеното лице во општината чиј тест за Ковид-19 е позитивен.
Вработената во општина Гази Баба е во стабилна состојба, без симптоми и целосно ги следи препораките на лекарите и епидемиолозите.
Од општинаат информираат дека градоначалникот Борис Георгиевски, поради хронична болка во пределот на бубрезите на 8.06.2020 година, а по извршен медицински преглед и пропишана лекарска терапија, останал на домашно лекување и работните обврски ги извршувал од дома, како и преку онлајн платформите за комуникација. Во текот на вчерашниот ден, поради пројавени болки во пределот на градите, е упатен на дополнителни лекарски прегледи, по што по препорака на пулмолог е испратен на дополнителни испитувања во Клиничкиот центар во Скопје, каде му е направен и тест за Ковид-19 чии резултати денес се позитивни.
Градоначалникот Борис Георгиевски во моментов е на Инфективната клиника во стабилна состојба, а неговото семејство е во домашна самоизолација, без никакви симптоми поврзани со коронавирусот.
„Ја информираме јавноста дека во текот на своето работење, градоначалникот Борис Георгиевски, како и останатите вработени во општина Гази Баба постојано ги следат и почитуваат препораките и мерките за заштита од Ковид-19. Сепак, според протоколите за функционирање, општина Гази Баба веќе е во редовна комуникација со тим епидемиолози кои ја разгледуваат новонастанатата состојба и се преземаат нивните препораки и мерки за понатамошно постапување.Би сакале да потенцираме дека во меѓувреме, општинскиот кризен штаб продолжува со редовна работа со цел заштита на здравјето на секој наш сограѓанин и е раководен од страна на Јовица Ѓоргиевски, началник на Општинскиот кризен штаб .
Општинската администрација останува целосно во служба на граѓаните на Гази Баба. Со потполно почитување на сите препораки и мерки кои имаат за цел зачувување на здравјето на вработените играѓаните, истовремено продолжуваме со работа за редовно исполнување на барањата и потребите на сите граѓани и правни лица, се вели во соопштението од општината.