Пријавувањето и запишувањето на ученици во прва година, во јавните средни училишта во учебната 2020/2021 година ќе се реализира во еден уписен рок и истото започнува со првото пријавување на 16 и 17 јуни 2020 година. Уписите продолжуваат во второто и третото пријавување од уписниот рок на 24, 25 и 29 јуни 2020 година.
Средните училишта на Град Скопје го организираат пријавувањето и запишувањето на ученици согласно Конкурсот за запишување на ученици во јавните средни училишта за учебната 2020/2021 година и Протоколот за постапување на средните училишта во Р.Северна Македонија за време на запишувањето на ученици во прва година во учебната 2020/2021 година . Со оглед на пандемијата со КОВИД – 19 и потребата од воспоставување на безбеден начин на вршење упис, средните училишта на град Скопје воведуваат проширување на дефинираните термини за првото пријавување согласно очекуваната заинтересираност на ученици за упис и досегашното искуство. Утврдените временски термини се поставени на нивните веб страни и комуницирани преку социјалните мрежи, а целта на проширените термини е да се овозможи максимална безбедност за сите кои се дел од процесот.
Од учениците се очекува да имаат претходно пополнета Пријава која е електронски достапна како и претходно подготвена целосна документација со цел што пократко задржување во училиштето.
Влезот во училиштето се ограничува само на учениците кои се запишуваат без придружба од родител/ старател со исклучок на ученици кои од оправдани причини се спречени самостојно да го извршат уписот, и во тој случај се дозволува присуство на еден родител/ старател.
Користењето на заштитна опрема како маски и ракавици, оддржувањето на 2 метри физичка дистанца и целосно почитување на насоките од присутните редари е задолжително за секој посетител.