Владата не донесе одлука да го замрзне или укине враќањето на повратот на ДДВ, туку напротив во време кога се стимулира потрошувачка беше дадена произволна опција доколку некој смета дека може да се откаже од повратот на ДДВ. На оние што погрешно избрале дека ќе донираат ќе им биде овозможено да кликнат и да кажат дека се премислиле и дека сепак сакаат до 30 јули да им се врати повратот на ДДВ, најави денеска министерката за финансии Нина Ангеловска.
-Кога беше пуштена оваа функција, до УЈП се пристигнати одредени барања од лица коишто притиснале дека се согласуваат и дека сакаат да го донираат повратот, но потоа се премислиле дека не сакаат да го донираат. Согласно тоа по барање на УЈП беше вметната и оваа одредба во Уредбата со цел оние коишто испратиле меил пораки дека не сакаат да го донираат повратот на ДДВ да можат да потврдат во апликацијата. Значи ќе биде воведена таа функционалност за да самите си кликнат дека се премислуваат и се откажуваат од донираниот ДДВ и дека сакаат сепак да им се врати на сметките. Повратот ќе се оствари заклучно до 30 јули на оние лица коишто сепак ќе си ги побаруваат средствата назад, рече Ангеловска во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата заедно со министерот за економија Крешник Бектеши.
Сепак, додаде, беа донирани околу 10 милиони денари од лица коишто се откажале од повратот и сметам дека тоа е за поздрав.
-Министерството за финансии заедно со Министерството за здравство и Генералниот секретаријат со поддршка на ИРИ работеше на нова платформа за донации и поттикнување солидарност која што дополнително ќе ја промовираме и пуштиме во употреба. Во неа оние лица коишто од Мој ДДВ го донирале својот поврат, односно се откажале од повратот, ќе може да бидат и јавно прикажани доколку така одлучат и сакаат, рече Ангеловска
Таа ги поздрави сите кои, како што рече, можеа да прикажат солидарност и да дадат дел од своите средства, бидејќи, нагласи, секој мал придонес значи многу и говори за нашата свесност и општествена одговорност во ваква ситуација.