Од почетокот на годината во општина Гостивар државата инвестирала над два милиона евра во капитални проекти, информираше заменик министерката за финасии Ширет Елези по нејзината посета на Гостивар. Според Елези, најголема вредност имаат инвестициите во локалната патна мрежа. Некои проекти се веќе завршени, а дел треба да бидат бидат закружени до крајот на годината.
– Во тек е постапка за реализација на пет капитални проекти. Преку Министерството за труд и социјална политика ќе се реализираат 150 илјади евра за опремување на детските градинки. Финансирана е изработката на техничка документација за изградба на три локални патни правци: Здуње-Дебреше, Долна Бањица-Горна Бањица, и реконструкција на улицата Илинденска за што се одобрени 1,2 милион евра. Со последните одобрени средства во износ од 61 милион денари, наменети за капитални инвестиции за 14 општини влезе и Гостивар, рече заминик министерката Елези.
Таа појасни дека локалните патни правци се дел од проектот за подобрување на локалните патишта што го води Министерството за танспорт и врски, а претходно со овој проект беше завршен и локалниот пат Падалиште-Трново.
Елези посочи дека од државната каса се издвоени и пари за поддршка на земјоделците од ИПАРД програмата преку Агенцијата за рурален развој, а во тек е реализацијата на проекти преку Агенцијата за млади и спорт.