НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг врз инспекциските служби на локално ниво“, поддржан од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, спроведе истражување на јавното мислење за искуствата и перцепцијата на граѓаните за работата на општинските инспекциски служби.
Над четириест проценти од граѓаните сметаат дека инспекторите во својата работа зависат од градоначалниците. Речиси исто толку граѓани сметаат дека општинските инспектори не се професионални и ефикасни, како и дека наместо да ги штитат граѓаните и јавниот интерес, ги штитат интересите на политичките и бизнис моќници.
Жителите на Скопскиот регион, луѓето со високо образование и оние на возраст од 35 до 44 години, се најголеми застапници на тезата дека инспекторите се зависни од волјата на градоначалниците.
Многу малку граѓани (помалку од десет проценти) изјавиле дека тие или некој нивен близок пријавил проблем кај надлежниот општински инспектор. Речиси две третини од оние кои пријавиле проблем во општината се незадоволни од искуството и постапувањето на локалните инспектори.
Проблемите кои граѓаните ги пријавиле до општинската инспекциска служба соодветствуваат со проблемите за кои сметаат дека се најголеми и најчести во средината во која живеат: (1) Јавната чистота, ѓубрето и шутот; (2) Бучавата, загадувањето на воздухот и животната средина воопшто; (3) Одржувањето на улиците, тротоарите и патеките; (4) Водоснабдувањето; (5) Издавањето градежни дозволи; (6) Наплатата на даноци и други јавни давачки.
Над четириест проценти од граѓаните (42%) сметаат дека инспекторите во својата работа зависат од волјата на градоначалниците. Жителите на Скопскиот регион (55%), луѓето со високо образование (51%) и оние на возраст од 35 до 44 години (48%), се најголеми застапници на тезата дека инспекторите се зависни од волјата на градоначалниците
Речиси 4 од 10 граѓани (39%) сметаат дека локалните инспектори ги штитат интересите на политичките и бизнис моќници, а нешто помалу од една третина (31%) сметаат дека локалните инспектори се ефикасни и професионални во заштитата на граѓаните и на јавниот интерес.
Недовербата кон институциите кои треба да ги штитат граѓаните и јавниот интерес е се уште голема и тоа го покажува и оваа анкета според која само 7,5% од граѓаните изјавиле дека тие или некој нивен близок пријавиле проблем кај надлежниот општински инспектор. Уште повеќе загрижува податокот дека дури 60% од граѓаните кои пријавиле проблем не се задоволни од постапувањето на општинските инспектори.
Што се однесува до начините на кои граѓаните пријавиле проблем, најчесто тоа го правеле преку интернет-страницата на општината (53%), по телефон (33%) и лично кај инспекторот (31%).
Кога станува збор, пак, за најголемите проблеми со кои секојдневно се соочуваат на локално ниво, граѓаните ги посочиле: јавната чистота, ѓубрето и шутот (19%), бучавата, загадувањето на воздухот и на животната средина воопшто (11%), одржувањето на улиците, тротоарите и патеките (9%), недостигот од паркинг места (9%), водоснабдувањето (5%), издавањето градежни дозволи (3%), како и наплатата на даноци и други јавни давачки (1%).
Жителите на Скопскиот, а потоа на Полошкиот и на Југоисточниот регион најмногу посочувале на проблемите со кои се соочуваат. За 28,6% од испитаниците во Скопскиот регион, најголем проблем претставува управувањето со ѓубрето, шутот и воопшто јавната чистота. Бучавата и загадениот воздух се голем проблем за 18,5%, а за 15,7% од жителите на општините во Скопскиот регион голем проблем претставува и недоволниот број паркинзи.
Истражувањето на јавното мислење на НВО Инфоцентарот, беше спроведено преку телефонска CATI анкета, од Стелар Истражувања, во периодот од 12 до 18 мај 2020 година, на национален репрезентативен примерок од 1.003 испитаници.