Зголемено користење на компјутерите и мобилните телефони за плаќање е забележано во текот на изминатите месеци, откако почна кризата предизвикана од коронавирусот. Податоците покажуваат дека бројот на плаќања преку електронско банкарство во март е зголемен за околу 30 отсто, а бројот пак на регистрирани е-продавници во овој период е поголем од оној регистриран во текот на цела 2019 година.
Податоците на Народната банка покажуваат дека во март, откако започна здравствената криза во земјава, забележан е годишен раст на вредноста на трансакциите со кредитни трансфери од 4,9 отсто, извршени со зголемен број трансакции кај физичките лица за 1,3 отсто и благ пад кај правните лица од 0,7 отсто. На годишна основа кај плаќањата со платежни картички е остварен раст на вредноста за 27,6 отсто и кај бројот на трансакциите од 31 отсто.
– По отпочнување на корона-кризата, физичките лица сè повеќе ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери иницирани од страна на граѓаните во март се зголемил за значителни 30,3 отсто на годишна основа, односно за 21,4 отсто на месечна основа. За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле компјутерите. Поконкретно, кај плаќањата извршени преку компјутер, во март се забележува висок годишен раст од 26,4 отсто, односно месечен раст од 27,2 отсто, кој е двојно повисок од годишниот раст во првиот квартал од оваа година кој изнесуваше 13,8 отсто, покажуваат објавените податоци на Народната банка.
Значително повеќе во споредба со претходно граѓаните ги користеле и мобилните телефони. При тоа бројот на плаќања извршени со мобилен телефон во март пораснал за 45,5 отсто на годишна основа, при поумерен месечен раст од 7,4 отсто. Од страна на граѓаните, еден од четири електронски кредитни трансфери се иницира преку мобилен телефон, додека останатите три електронски кредитни трансфери се иницираат со користење компјутер.
Особено е забележан изразен пораст на користењето на платежните картички за купување преку интернет, при што во март, бројот на трансакции е зголемен двојно во однос на истиот месец минатата година, а позитивни се трендовите и кај користењето на картичките на физичките места на продажба.
Во однос на користењето на платежните картички на местата на продажба на интернет, во првиот квартал од оваа година, е забележан годишен раст кај бројот на трансакциите со 62,3 отсто, кој е движен пред сè од физичките лица. Податоците на Народната банка покажуваат дека граѓаните поинтензивно ги користеле платежните картички за купување преку интернет во март, достигнувајќи многу висок годишен раст од 99 отсто, при регистриран годишен пад кај бројот на трансакциите на правните лица за 2,5 отсто.
И податоците на Асоцијацијата за е-трговија укажуваат на пренасочување на граѓаните кон електронската трговија. Од Асоцијацијата наведуваат за МИА дека само во март и април годинава се регистрирани 97 е-трговци, а бројот на вкупно регистрирани во цела 2019 година е 149 е-трговци.
– Имаме 4,5 пати повеќе регистрирани е-трговци во месец април, споредено со просечниот месечен број на е-трговци кои се регистрирале во 2019 година, велат од Асоцијацијата и додаваат дека треба да се истакне дека во текот на март и април до банките се доставени 346 барања за отворање е-продавници, од кои пак не се сите регистрирани во е-трговци, бидејќи дел не биле комплетни.
Од Асоцијацијата наведуваат дека согласно податоците добиени од петте банки што нудат е-трговија во земјава може да се забележи дека во 2019 година се отворале просечно 12 е-продавници месечно, додека пак во март и април во 2020 година бројот на отворени нови е-продавници е 42 за март и 55 е-продавници за април со што се забележува раст од огромни 3,5 односно 4,5 пати.
Според Асоцијацијата друг показател што укажува на атрактивноста и зголеменета побарувачка за отворање нови е-продавници е и фактот дека на јавниот повик објавен од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, преку иницијативата „Ecommerce4All” што се реализира со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем за само 10 дена беа доставени 215 апликации за финансиска и советодавна помош за отворање нов продажен канал во областа на е-трговијата.
Од Асоцијацијата за е-трговија сметаат дека 2020 година ќе биде убедливо година во која се повеќе бизниси ќе го следат трендот и ќе се префрлат кон онлајн продажба, со што директно ќе влијаат на подобрување на понудата, а со тоа ќе се очекува и драстичен пораст на прометот направен во областа на е-трговијата.
Заклучно со крајот на 2019 година во земјава се регистрирани вкупно 1020 е-продавници.