По забележителниот пад на мигрантските текови во април, бројот на бегалци кои сакаат да стигнат до ЕУ повторно драстично се зголеми. Во мај, недозволеното преминување на границите преку главните мигрантски рути во Европа се зголеми трипати во однос на претходниот месец.
Според податоци на граничната агенција на ЕУ, Фронтекс, станува збор за 4.300 нелегални гранични преминувања.
Најактивно користената рута, според извештаите, била Источниот Медитеран преку Турција и Грција. Во мај, Фронтекс таму регистрираше 1.250 нелегални премини, што е осум пати повеќе отколку во април.
Од јануари до мај се потврдени 12.700 случаи, што е за 28 отсто помалку отколку во истиот период лани. Повеќето мигранти пристигнуваат од Авганистан.
Преку централната средоземноморска рута, односно од Либија и Тунис кон Италија и Малта, регистрирани се 1.000 нелегални гранични преминувања, што претставува зголемување од 40 проценти во однос на април. Од јануари до мај, Фронтекс регистрирал 5.500 случаи, речиси трипати повеќе отколку во истиот период во 2019 година. Мигрантите главно биле со потекло од Бангладеш, Судан и Брегот на Слоновата Коска.
Минатиот месец повеќе од 650 мигранти пристигнале преку Западниот Медитеран, од Мароко кон Шпанија, речиси четири пати повеќе отколку во април. Речиси секој втор мигрант бил од Алжир, пишува во извештајот на Фронтекс.
Повеќе од 900 нелегални премини преку границите се регистрирани во мај преку западнобалканската рута, што е десет пати повеќе во споредба со април. Во периодот јануари – мај се регистрирани над 6.900 случаи, што е зголемување за 50 проценти во однос на истиот период лани.