Скопскиот градоначалник Петре Шилегов и поранешниот на Чаир, Изет Меџити, сега претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, се препукуваа преку социјалните мрежи. Повод беше светлосната реклама на скопското Кале од страна на ДУИ со мотото во кампањата пред предвремените избори на оваа партија за прв Албанец премиер на Македонија. Меџити го испровоцира Шилегов со пораката „Зошто да не“.
-Ако Барак Обама може да стане претседател на државата, зошто Албанец не може да стане Премиер во РМВ? Дали е ова општество за сите како што се тврди? Зошто да не , господине Шилегов?“, напиша Меџити на својот профил.
Шилегов на ова одговори со коментар за работата на Меџити како поранешен градоначалник на Чаир.
-Криењето на сопствената неспособност зад Обама, не е ништо друго освен потврда на тоталната неспособност да се справите со вистинските проблеми на граѓаните. Особено во Чаир. Не им зборувајте за Обама. Зборувајте им за неасфалтираните улици, немањето водовод и канализација. Субстандардните услови на живеење. Во 21 век. Во општина што “обамовски” ја водевте и ја водите. Евтини се приказните. Па макар и Обама да ги “раскажува”, возврати Шилегов.