Над 20.000 забелешки за домашна картичка, надлежните велат секој што ги исполнува условите ќе добие средства

Над 20.000 мејлови со забелешки се пристигнати до Генералниот секретаријат на Владата од граѓани кои ги исполнуваат условите за добивање картичка со 3.000 денари, а не можеле да се најдат на листата корисници на домашната платежна картичка kupuvajdomasno.gov.mk. Голем дел од нив се средношколци и студенти, а властите најавуваат дека секој што ги исполнува условите ќе добие средства.

Според постоечките податоци, домашни картички треба да добијат околу 324.500 граѓани за што се издвоени 28 милиони евра. Нивното доделување започна во петокот преку банките. Досега од банките се изработени околу 50.000 картички, а до 18 јули ќе се доделат сите картички кои ќе можат да се користат до 15 август годинава.

Приговорите се поднесуваат на веб-страницата за мерката ако го нема лицето кога ќе го впише матичниот број. Доколку смета дека е во една од трите одредени групи со меил треба да наведе име и презиме и доказ дека треба да влезе во една од трите групи. Податоците на листите се од УЈП, дел од Агенцијата за вработување, од МТСП и дел од МОН добиени преку универзитетите и средните училишта, а дел од ФЗОМ за лекарите кои добиваат награда преку оваа картичка од 40 отсто од основната нето плата.

Нема ниту еден граѓанин или студент или средношколец или кој било доколку е во листата да остане без средства, без финансиска поддршка и без платежна картичка, бидејќи тоа е неселективен, транспарентен процес на воспоставување на јасни услови без постапки за аплицирање, без да треба човечки фактор да одлучува дали некој треба или не треба да е во листата или ги исполнува или не ги исполнува критериумите. Тоа ни го даваат податоците со кои располагаат институциите, порача вчера министерката за финансии Нина Ангеловска.

-Навистина се пристигнати голем број мејлови, но не се сите приговори, туку има и многу прашања од корисници како ќе можат да ги трошат средствата. Генералниот секретаријат има формирано тим од луѓе кои ги категоризираат согласно природата на пораката која е стигната. Има граѓани кои добиле картичка, а сега прашуваат како да ја активираат, како може да ги трошат средствата. Има граѓани кои што имаат поднесено конкретни барања дека ги нема во листите, но се уште не е завршена категоризацијата, посочи Ангеловска.

За студентите  и средношколците, додаде, се прави дополнително проверка на сите бази во МОН, и доколку постои неажурност во податоците кои тие ги имаат доставено, дејството може да се корегира.

Вчера почна да се реализира и мерката за граѓани со ниски приходи на кои им се издаваат ваучери за домашен туризам во износ од 6.000 денари. Преку оваа мерка што ќе ја користат 117.122 граѓани се очекува во труистичкиот сектор во земјава да се слеат над 10 милиони евра, а заедно со претходната мерка близу 40 милиони евра да се слеат во стопанството. Двете мерки се дел од третиот сет антикризни мерки на Владата  за поддршка на економијата која е погодена од пандемијата со КОВИД-19. Ваучерите  ќе можат да се искористат во домашните туристички капацитети во периодот од 15 јули до 15 декември годинава.

На листата на граѓани кои имаат право на ваучер за домашен туризам според Уредбата од Владата се сите вработени граѓани кои имаат приходи кои не надминуваат 15.000 денари месечно, односно вработените граѓани кои во периодот од јануари до април 2020 година не оствариле приходи повисоки од 60.000 денари по основ на нето плата и надоместоци.

-Завршија сите потребни процедури и се пушти во употреба платформата „Дома си е дома” со која почнува реализацијата на мерката за издавање на ваучери за домашен туризам. Конечната листа е објавена веќе на веб-страницата domasiedoma.gov.mk каде сите граѓани коишто се добитници на ваучери ќе може да проверат дали се на листата или не со внесување на матичниот број. Граѓаните кои се веќе на листата на добитници, ваучерите за туризам ќе ги добијат преку електронска пошта, односно за нив не е потребно никакво аплицирање. Министерството за економија веќе ги испрати ваучерите на електронските адреси кои граѓаните ги имаат доставено во УЈП, информира вчера министерот за економја Крешник Бектеши.

Во случај граѓаните да немаат електронска адреса доставена до УЈП, посочи, преку нивниот единствен матичен број ќе можат да ја стават нивната електронска адреса каде што би сакале да им се прати ваучерот кој понатаму ќе може да биде симнат од нивна страна, да се испечати и да се искористи.

-Секој ваучер гласи на име и презиме на секој граѓани. Ваучерот содржи кјуар код – ваучер код и пин код и лицето ќе мора да го покаже ваучерот при искористувањето на давателот на туристички услуги. Ваучерот ќе мора да се искористи во една посета  и ќе може да се користи за сместување и патување во нашата земја. На платформата освен листата на добитници ќе биде објавена листа на сите даватели на туристички услуги кои ќе се регистрираат и ќе ги понудат своите сместувачки капацитети. Сите даватели на туристички услуги почнувајќи од утре до 30 јуни ќе може да се регистрираат на платформата со пополнување на едноставен формулар кој ќе го најдат на платформата. На тој начин граѓаните кои се добитници на ваучерите за домашен туризам лесно ќе може да ги видат сите достапни капацитети и да одберат каде сакаат да го искористат својот ваучер, потенцира Бектеши.

Откако ќе бидат искористени ваучерите од страна на граѓаните, Министерството за економија ќе врши исплата на давателите на туристички услуги врз основа на доставена месечна фактура и месечен извештај за искористените ваучери за туризам.

„Купувам домашно” и „Дома си е дома”, според Ангеловска се кампањи со кои се подига свеста за купување домашни производи и за користење на годишниот одмор во домашни туристички капацитети.

-За да ги поттикнеме граѓаните да бираат домашни производи пред странски, направивме и промени во однос на повратот на ДДВ преку МојДДВ. Ако досега повратот на ДДВ изнесуваше 15 отсто од платениот данок на додадена вредност, сега за домашни производи оваа сума се покачува на 20 отсто од платениот ДДВ. Од друга страна за странските производи повратот се намалува на 10 отсто од платената сума на ДДВ, посочи Ангеловска и додаде дека лимитот за поврат на ДДВ ќе остане ист или 1.800 денари за три месеци.

Треба да знаете
Последни објави