Починатиот Индро Монтанели е сметан за најголем италијански новинар на 20 век, но неговата статуа во центарот на Милано беше полеана со боја и ишарана со графити, бидејќи тој беше суров колонизатор во младоста.
Во 1930-тите, како млад офицер во италијанската армија за време на освојувањето на Абисинија, денешна Етиопија и Еритреја, тој „купил“ девојче на возраст од 12 или 14 години за да се ожени со неа.Подоцна дури тврдел дека во тоа нема ништо лошо затоа што било во согласност со локалните обичаи. Во едно интервју од 1982 година, тој се присети на девојчето велејќи дека била „скротено животно“.
Неговата статуа била полеана со црвена боја за време на викендот и на неа било напишано „расист, насилник“. Левичарската студентска група Рите Студенти Милано (РСМ) ја презеде одговорноста во видеото што беше објавено на социјалните мрежи.
„Повикуваме, гласно и со убедување, да се отстрани статуата“, објави РСМ на Фејсбук, велејќи дека Монтанели бил колонизатор за кого ропството било важен дел од неговата политичка активност и тој не може и не смее да се велича на јавниот плоштад.
Градоначалникот на Милано, Бепе Сала, и неколку истакнати новинари ја отфрлија можноста за отстранување на статуата. Сала рече дека тоа што Монтанели не се кае е „збунувачко“, но тој исто така го поздрави како голем промотор на независното новинарство и слободата на медиумите.
Монтанели, тврдокорен конзервативец кој подоцна се претвори во гласен критичар на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, е роден во 1909 година и почина во 2001 година. Неговата статуа била подигната во 2006 година во парк каде што во 1977 година преживеал напад на екстремно леви терористи.