По олабавувањето на рестриктивните мерки практично во сите земји во регионот се регистрираат нови случаи со коронавирусот – 57 во Албанија од извршени 362 тестирања, 50-тина во Косово. Министрите за здравство на Словенија и Црна Гора, кои пред некое време прогласија крај на епидемијата, најавија соодветен пристап и тестирање нови случаи. Во Србија во изминатите 24 часа има 60-тина нови случаи.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека телефонски разговарал со министрите за здравство на Албанија и на Бугарија, кои укажале на тоа дека се јавуваат нови случаи.
– Разговаравме за начинот на кој ние реагиравме со цел да споделиме искуства како и евентуално врз основа на овие податоци кои што ние ги имаме, а тие сега практично ги анализираат, со оглед на новопријавените случаи, евентуално какви мерки би се преземале, потенцира Филипче.
Сто и три нови случаи се потврдени изминатите 24 часа во земјава. Направени се 841 тестирање, а 103-те регистрирани случаи со Ковид-19 во Скопје се 46, Куманово-6, Штип-6, Прилеп-2, Тетово-17, Струга-9, Велес-3, Битола-1, Охрид-3, Кавадарци-1, Гостивар-1, Струмица-1, Свети Николе-1, Ресен-6. Институтот за јавно здравје регистрира 13 оздравени пациенти од: Скопје-10, Прилеп-2 и Тетово -1. Починати се пет пациенти, тројца од Скопје, еден од Куманово и еден од Тетово.