Продавниците низ Велика Британија ги отворија своите врати и им понудија на клиентите големи попусти, од кои некои достигнуваат до 70 проценти.
Ова создаде огромни редици и метеж пред продавниците, а британските медиуми беа преплавени со фотографии од хаосот што настанал пред голема продавница на „Најки“ во Лондон.
„Стотици клиенти на Најки ги игнорираат мерките на дистанцирање во обид да се пробијат во продавницата Оксфорд стрит, а илјадници стојат во редови пред продавниците на Примарк низ Велика Британија, бидејќи продавниците се отвораат за првпат по три месеци“, пишува „Дејли мејл“, кој во насловот имаше драматичен заклучок: „Би умреле за добар попуст!”
Иако постои правило за растојание од два метри, сите правила паднаа во вода кога продавницата на „Најки“ ги отвори своите врати еден час порано од очекуваното и луѓето почнале да ги прескокнуваат оградите за да бидат првите што ќе влезат внатре.
Некои клиенти се пожалиле на социјалните мрежи дека одредени продавници воопшто не се обиделе да одржуваат мерки на претпазливост. „Можеби треба да размислите за вашиот план за некои компании што очигледно не се грижат за безбедноста и здравјето, туку само за парите“, рекоа некои твитерџии, обележувајќи го британскиот премиер Борис Џонсон.
https://twitter.com/GReepaah/status/1272481357147574272
„Дејли мејл“ пишува дека во Брајтон, пред некои продавници, редот започнал да се формира во три часот наутро. Некои продавници дополнително одлучиле да привлечат клиенти со огромни попусти, па на пример „Зара“ ја намалила облеката до 70 проценти.