Кина објави 49 нови случаи на „Ковид-19“, додека Пекинг се обидува да се избори со новото жариште на коронавирус поврзано со пазарот во кинеската престолнина.
Од вкупниот број на нови инфекции во Кина, 36 се однесуваат на главниот град, каде што илјадници беа тестирани по ненадејното избувнување на заразата на пазарот на големо Синфади во југозападниот дел на градот минатата недела.
Тој пазар обезбедува 90 проценти свежо овошје и зеленчук за Пекинг.
Според локалните власти, во погодената област постои „воена состојба“ и некои делови од градот се блокирани и забрането е патување помеѓу одредени делови на градот.
Пазарот на големо беше затворен, а со тестирањето беа опфатени десетици илјади жители, па градот започна кампања за пронаоѓање на сите луѓе што беа на тој пазар или беа во контакт со посетителите на пазарот.
Дел од училиштата откажаа настава.
Пазарот на големо Синфади е 20 пати поголем од оној во Вухан од кој започна пандемијата на „Ковид-19“ и таму се препродаваат илјадници тони храна.
Во текот на изминатите четири дена, Пекинг потврди вкупно 79 случаи на инфекција со коронавирус.
Во населбите околу пазарот, воведени се дополнителни мерки, како што е построга контрола на движењето на луѓето и возилата, дезинфекција и мерење на телесната температура.
Епидемиолог од кинеска влада соопшти дека секвенцирањето на ДНК на вирусот на пазарот на големо покажал дека можел да пристигне од Европа.