„Кризата предизвикана со коронавирусот покажа колку Франција и остатокот од Европа се зависни од снабдувачките ланци од Кина и други делови на светот“, рече францускиот претседател Емануел Макрон во своето обраќање пред нацијата. Тој смета дека Европа треба помалку да биде зависна од Кина и САД, прогласувајќи ја „првата победа” на државата против коронавирусот.
„Ова искушение покажа недостатоци и слабости: нашата зависност од другите континенти во обезбедувањето на некои добра. Единствениот одговор е да се изгради нов, посилен економски модел и зголемување на работата и производството, така што не би биле зависни од другите“, рече Макрон во телевизиското обраќање.
Макрон најави дека ќе ги забрза плановите за отворање на државата и ќе ги ублажи воведените мерки за спречување на ширењето на вирусот.
„Војната против епидемијата не е готова, но сум среќен поради оваа прва освоена битка против вирусот“, објави Макрон, според кој рестораните и кафулињата од понеделник можат повторно да бидат отворени.
Француските власти оваа година очекуваат економијата да падне за 11 проценти, а Макрон најави дека Франција за помош на економијата ќе издвои околу 500 милијарди евра. Тој, сепак, вети дека трошоците за одржување на работењето на компаниите и вработувањето на населението нема да бидат на грбот на даночните обврзници.
Во однос на анти-расистичките протести што по САД се раширија и ширум светот, вклучително и Франција, која беше критикувана за лошото постапување кон своите малцинства, Макрон рече дека бојата на кожата често ги намалува можностите во Франција и вети дека ќе биде непоколеблив по прашање на каква било дискриминација.
Тој истакна дека Франција „нема да избрише никаква трага или име од своето минато“ или да „урива споменици“, осврнувајќи се на уништувањето на статуите на историски личности за кои демонстрантите тврдат дека имаат расистичко минато во земјите како САД, Велика Британија или Белгија.