Новите пешачки зони на неколку улици и булевари во центарот на Атина, како и почетокот на работата за подготовка на дополнителни зони, резултираше да се создаде сообраќаен хаос, особено во раните утрински часови, јави дописничката на МИА од Атина.
Дел од големите булевари стануваат потесни за возилата, со оглед на тоа дека дел од лентите се затвораат за сообраќај и се отвораат за пешаците и велосипедистите.
Возачи заглавени во сообраќајот во центарот на Атина, за грчките медиуми велат дека доколку претходно им биле потребни 15 минути да стигнат на нивните работни места, сега чекаат и до еден час.
Целта на конкретните зони, што прв пат се воведуваат во Атина, е да се намали употребата на автомобили во центарот на Атина, а се обележани со црвена и жолта боја.
Црвената зона е наменета за пешаците, а жолтата за велосипеди.
Ангажирани се полицајци од општинската полиција кои пеш и со велосипеди, долж патеката ги информираат граѓаните.