Неколку стотици полицајци синоќа се собраа на плоштадот Трокадеро во Париз за уште еднаш да ги осудат наводите на министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер за расизам во нивните редови, но и поради делови од обраќањето на претседателот Емануел Макрон.
Полицајците вклучија ротирачки светла и сирени, а некои во знак на протест ги спуштија лисиците на земја, и покрај тоа што Макрон неколку часа претходно рече дека полицијата и жандармите „заслужуваат поддршка од државните власти и признание од нацијата”.
Полицајците не се задоволни од најавата на Кастанер дека на полициските службеници ќе им биде забрането да ја користат техниката „задушување”.
Кастанер исто така рече дека секој полицаец ќе биде суспендиран во случај на „докажано сомневање”.
– Ужасно е кога шефот ве остава на цедило. Имаме впечаток дека улицата нè контролира нас и се чувствуваме целосно напуштени, рече полицајка која сакаше да остане анонимна.
Првиот протест на полицијата се одржа во саботата навечер пред Триумфалната порта во центарот на Париз, откако Кастанер во петокот ги прими полициските синдикати, кои беа огорчени поради неговите најави.