Финска го повлекува законот за вонредни овластувања, кој парламентот го усвои во март поради коронавирусот, со оглед на тоа дека стапката на заразени забавила и дека посебните мерки веќе не се потребни, рекла премиерката Сана Марин.
Таа додала дека веќе не постојат законски причини владата да ги задржи вонредните овластувања и дека вонредната состојба ќе заврши денеска на полноќ.
„Тоа не значи дека заканата од ширење на вирусот е завршена“, предупредила Марин.
26 пациенти заразени со Ковид-19 се хоспитализирани, а само едно лице е на интензивна нега, соопшти Владата.
Марин изјавила дека од 15 до 25 нови случаи имало дневно во текот на неколку недели поради што вкупниот број заразени пациенти достигнал 7.104.
„Законот за вонредни овластувања, кој им ги ограничува основните права на граѓаните, апсолутно не може да остане во сила подолго од што е потребно“, рекла министерката за правда на Финска, Ана-Маја Хенриксон.
Премиерката Марин рекла дека одредени ограничувања, како тоа дека на рестораните им се наложува да го скратат работното време за време на вечерните часови, како и тоа за бројот на гости внатре во ресторанот, ќе останат во сила, но дека ќе се спроведува со редовните закони.