Светот наоѓа начини да ја спаси економијата од последиците од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус, а еден од очајните потези би можел да вклучува и согласност за вакцина која ќе спречи вистинска болест и смрт на луѓето, но не и зараза со коронавирус, пишува „Блумберг“.
Додека крајната цел ќе биде вакцина што ќе го победи вирусот, раните форми на вакцината би можеле да дојдат со одредени ограничувања, предупредува Робин Шаток, професор на Империјал колеџ во Лондон, кој учествува во развивање на еден од кандидатите за вакцина против коронавирус.
И додека земјите ширум светот се обидуваат што поскоро да излезат од карантинот, експертите работат на пронаоѓање на вакцина за да го вратат животот во предпандемиската состојба што е можно поскоро, во т.н. нова нормала.
Најмалку едно од истражувањата веќе достигна фаза на тестирање на потенцијална вакцина кај луѓето откако се потврдени добри ефекти врз одредени болести, но помалку на инфекции, кај животни. Експертите велат дека овој вид вакцина ќе биде во широка употреба, доколку биде одобрена, и покрај тоа што ќе спречува посериозна болест, но не и зараза. Барем додека не се појави подобро решение на пазарот.
„Вакцините треба да штитат од болести, но не и од зараза“, вели Денис Бартон, имунолог и истражувач за вакцини од „Скрипс истражувања“ во Ла Јола, Калифорнија.
Постојат и недостатоци. Иако тие имаат потенцијал да спасат животи, ваквите вакцини можат да доведат до релаксација во земји каде што луѓето доживеале заситеност со карантин, вели Мајкл Кинч, експерт за развој на лекови на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис.
„Мислам дека овие луѓе нема да сфатат дека и покрај вакцината, сепак се подложни на зараза“, додава тој.
Вакцините се меѓу најефикасните оружја против заразни болести и спречуваат до три милиони смртни случаи годишно, според податоците од Светската здравствена организација (СЗО).