Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, беше дел од вебинар во организација на Меѓународна Унија за Телекомуникации-ITU, посветен на зголемување на влијанието за ИКТ врз економскиот развој во Европа.
Овој вебинар е организиран во рамките на ITU Регионалната иницијатива за Европа за широкопојасна инфраструктура, радиодифузија и управување со спектарот, усвоена од WTDC-17. Целта на настанот е да послужи како платформа за мапирање на постојната инфраструктура и услуги, поттикнување на усогласување на пристапи низ целиот регион и размена на икуства за различните пристапи што ги применуваат државите.
Министерот Манчевски ги претстави активностите на кои работеше МИОА во изминатиот период, поврзано со развој на бродбенд интернетот на Северна Македонија.
На 1 април 2019 година Владата го усвои Националниот оперативен бродбенд план, кој целосно е усогласен со Дигиталната Агенда и стратегијата на ЕУ. Тука се утврдени национални бродбенд таргети за фиксен и мобилен бродбенд. Дополнително, предвидена е изградба и развој на Национална транспортна оптичка мрежа од која ќе се изнајмуваат оптички влакна на операторите за да можат тие да пристапат до Белите зони со цел да нудат бродбенд услуги, како и изградба на пристапна пасивна оптичка мрежа во белите зони и изнајмување на истата на операторите за да обезбедуваат бродбенд услуги во тие зони“, информираше министерот Манчевски.
Како што истакна тој, свесни за важноста од имплементирање на утврдените таргети во октомври минатата година се формираше ново тело – Национална канцеларија за бродбенд компетентност. Канцеларијата е формирана во и согласно препораките на ЕУ.
Покрај министерот Манчевски, на вебинарот се обратија и Јарослав Пондер, шеф на канцеларијата на ITU, Стефан Береаух и Кармен Прадо Вагнер од ITU и Раул Катц од Универзитетот Колумбија. Исто така, на вебинарот свое излагање имаа претставници од Албанија, Србија и Грузија.
На настанот се дискутираше за приодите насочени кон создавање можности за инвестирање во областа на ИКТ инфраструктурата и услугите. Во овој контекст, беше презентиран и новиот проект: „Поддршка на системите за мапирање на можностите за инвестиции во широкопојасна инфраструктура за Југоисточна Европа“.