Двата главни патнички аеродроми во Белгија, Брисел и Шарлероа, постепено почнуваат да работат од денеска со отворањето на внатрешните граници на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
За денес се предвидени шеесет летови од бриселскиот аеродром, или над четири илјади патници. Бројот на патници постепено ќе се зголемува, на први јули се очекува да достигне 14 илјади. Од први јули ЕУ треба постепено да почне да ги отвора и своите надворешни граници.
Според новите протоколи на сите патници им се мери телесната температура пред да им биде дозволено да влезат во авионот. До единаесет часот утрово немало ниедно лице со симптоми на Ковид-19.
Иако Европската Комисија препорача од денеска да се отворат сите внатрешни граници помеѓу земјите членки на ЕУ, тоа нема сите да го сторат веднаш.
Белгија е меѓу земјите кои ќе дозволи влез на сите граѓани од ЕУ и од Шенген зоната, но тоа не значи автоматски реципроцитет. Одредени земји на ЕУ имаат список на држави на кои им е дозволен пристап, додека за други е забранет или условен, зависно од епидемиолошката состојба.