Москва ги отвори музеите и летните тераси по повеќе од два месеца

Жителите на Москва добија можност повторно да влезат во музеите во градот по повеќе од два месеца и да се вратат на летните тераси бидејќи ширењето на заразата со коронавирус во руската престолнина забавува, иако повеќе од илјада нови случаи сè уште се регистрираат секој ден.

Музеите, библиотеките и зоолошката градина во градот со речиси 13 милиони луѓе ги отворија вратите за посетителите, но со ограничување на нивниот број. Стоматолозите исто така се вратија на работа.

Властите дозволија и спортските натпревари да продолжат, но со ограничување што предвидува дека на трибините можат да бидат максимум 10 проценти од предвидениот број гледачи.

Олеснувањето на рестриктивните мерки воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот во Москва започна минатата недела. На жителите конечно им е дозволено да ги напуштат своите домови и да користат јавен превоз, како и да возат низ градот со лични возила без никакви ограничувања.

Сепак, критичарите ги обвинуваат властите дека премногу брзо ги ублажиле ограничувањата со цел да создадат услови за гласање за реформите, што ќе му овозможат на претседателот Владимир Путин да се кандидира на истата позиција уште двапати по истекувањето на неговиот сегашен мандат.

Гласањето се очекува да се одржи во тек на седум дена и да заврши на 1 јули, но Кремљ ги отфрла обвинувањата од критичарите дека олеснувањето на рестриктивните мерки е политички мотивирано.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека дошло време да се олеснат мерките бидејќи пандемијата постепено завршувала и се намалувал притисокот врз здравствениот систем на градот.

Во Москва се пријавени повеќе од 208.000 случаи на инфекција и повеќе од 3.300 смртни случаи од инфекција.

Треба да знаете
Последни објави