Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО на видеоконференција на 17 и 18 јуни ќе ги разгледаат глобалните предизвици, меѓу кои и можна нова здравствена криза, најави генералниот секретар Јенс Столтенберг.
Оценувајќи дека НАТО-силите биле клучни во поддршката на цивилните напори во борбата со пандемијата на Ковид-19, Столтенберг најави јакнење на оперативните планови на Алијансата поради што поефикасни реакции за време на можен втор бран на Ковид-19 или некои идни здравствени кризи.
„Мораме да работиме на нов оперативен план, на залихи на медицинска опрема и фондови, кои ќе ни овозможат критичната помош да стигне на право место во право време“, рекол Столтенберг.
Тој нагласил дека глобалните предизвици бараат силна волја и политичка алијанса, а дека треба да се посвети посебно внимание на националните отпорности на сојузниците во областа на енергетиката, транспортот и телекомуникациите.
Една од темите на министерскиот состанок ќе биде и одговорот на Алијансата на новите руски нуклеарни ракети. Ќе се разговара и за мисиите во Авганистан, а на состанокот ќе присуствуваат и претставници на Финска, Шведска и Австрија, како и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, за јакнење на врските со земјите и организациите.