Според анкетата на шпанскиот Центар за социолошки истражувања 65,7 проценти од Шпанците нема да одат на одмор ова лето, поради здравствената и економската криза предизвикана од новиот коронавирус.
Резултатите од анкетата покажуваат дека 40,8 отсто од Шпанците се загрижени за здравствената состојба поради Ковид-19, а 34 проценти од нив од финансиската криза како резултат на пандемијата.
Шпанија, една од најпогодените земји од епидемијата Ковид-19 во Европа, ќе ги отвори своите граници в понеделник и ќе овозможи туристички патувања. Границата беше затворена на 13 март за да се спречи ширењето на заразата. Границата ќе биде отворена за жителите на земјите-членки на шенген зоната, додека границата со Португалија ќе биде отворена на 1 јули.
Туризмот учествува со 12 отсто од бруто домашниот производ на Шпанија.
Повеќе од 80 милиони туристи минатата година ја посетија Шпанија, што беше рекордна година, но сега плажите се празни, хотелите допрва ќе отвораат, а илјадници работници се надеваат дека ќе се вратат на работа.
Во понеделникот по три месеци првпат пристигнаа странски туристи на Балеарските Острови во рамките на пробната програма.