Големи полициски сили ги блокираа сите влезови во строгиот центар на Будва, каде утрово беа уапсени лидерите на локалната власт. Црногорските медиуми јавуваат дека единици и полициски патроли се наоѓаат на речиси секоја градска крстосница. Главната магистрала е блокирана за сообраќај, а полицајците ги пренасочуваат возилата да не може да се мине преку градот.
Полициските сили со кордони ги чуваат општината и Центарот за безбедност, пред кои демонстрираат граѓани.
Според медиумите, граѓаните се револтирани од бруталната сила што полицијата ја применила при апсењето на општинските лидери. Некои очевидци тврдат дека полицијата ги тепала локалните политичари, а едно возило на брза помош со ротација одвезло некого во правец на Котор.
Во меѓувреме на граѓаните им се придружиле и претставници на опозицијата во Црна Гора, а и поранешниот градоначалник на Будва Драган Краповиќ, кој кажал дека е несфатливо полицијата со колено на вратот да ги задушува луѓето како американската полиција.
Претходно денес беа уапсени Марко Царевиќ и Крсто Радовиќ, претседателот на општина Будва и претседателот на општинскиот парламент.
„Полицијата при акцијата употребила хемиски средства, а искршени се и стаклата на општинската зграда“, јавува РТВ Будва.