Врховниот суд на Венецуела вчера нареди преземање на двете највлијателни опозициски партии во земјата, а тоа се случува во годината кога треба да се оддржат парламентарни избори, јавија американските медиуми.
Врховниот суд го суспендираше и потоа го замени целиот управен одбор на партијата „Правда пред се”, само еден ден откако истата интервенција ја имаше и во партијата „Демократска акција”.
Во образложението на судот се вели дека одлуките биле донесени во согласност со „неопходниот процес на реструктуирање”, а претседателот Николас Мадуро во обраќањето на државната телевизија двете партии, што во последните пет години го контролираат венецуелскиот Парламент, ги обвини за грабеж на националното богатство и за заговор за изведување странска инвазија на земјата со цел насилно да заврши владеењето на неговите социјалисти.
Венецуелското Собрание е последниот дел од власта што не под контрола на претседателот Мадуро, но тој најави дека и тоа ќе се смени по претстојните избори.
Опозициските лидери жестоко реагираа на одлуката на Врховниот суд, а Хенри Рамос Алуп, лидер на најстарата политичка партија во Венецуела, „Партијата за демократска акција”, го обвини Мадуро за „киднапирање”.
-Демократската акција ќе го преживее и овој срамен напад, рече тој.
„Ова е нов маневар на режимот, нов напад насочен кон обезбедување на трошка кредибилитет на изборната фарса што Мадуро планира да ја спроведе оваа година, во која треба да се избере ново собрание”, заклучи Алуп.