По повод двегодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, на неговиот официјален „Твитер” профил објави фотографија со министерот за надворешни работи, Никола Димитров и порака дека се на вистинската страна на историјата, јави дописничката на МИА од Атина.
-Поминаа две години, пријателе. Животот нè оправда. Промовиравме соработка и пријателство меѓу нашите луѓе и нашите земји. Ние сме на вистинската страна на историјата. Од затвор, историјата ја претворивме во училиште на иднината, напиша поранешниот шеф на грчката дипломатија на неговиот официјален „Твитер” профил.
Фотографијата и статусот на Коѕијас ги сподели Никола Димитров, кој додаде дека докажале дека чудата се можни.
-Со зборовите на Мандела, „секогаш изгледа невозможно сè додека не се заврши”. Ние докажавме пријателе, дека чудата се можни. Дека ние на Балканот, можеме да решаваме и нерешливи спорови на европски начин. Нашите држави и во состојбата и во пријателството ги направивме поголеми, напиша Димитров, одговарајќи му на Коѕијас.