Вакцината против заболувањето Ковид-19 кога ќе стане достапна треба да се користи во исто време во светски рамки, за што е потребна соработка меѓу државите, рече заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.
Во интервјуто за магазинот „Русија во надворешните работи“, тој посочи дека само една земја не може да го победи вирусот, дури и кога границите се затворени, а сообраќајот и други средства за комуникација меѓу луѓето се отежнати, пренесува агенцијата ТАСС.
„Кога ефикасна вакцина ќе стане достапна, таа треба да се користи истовремено на сите континенти, пред сè од безбедносни причини. Малку е веројатно дека некој би сакал да има сосед способен во секој момент да фрли ‘корона-бомба’ во туѓ двор“, објасни Медведев.
Според него, решението за сите проблеми предизвикани од пандемијата мора да биде универзално, што бара постојана и целосна координација меѓу државите, владите и компаниите.