Наградите „Прајмтајм Еми“, еден од најголемите настани во календарот на шоу бизниси, ќе се одржат во септември, како што беше планирано со домаќинот на церемонијата Џими Кимел, соопшти телевизиската куќа „Еј-би-си“ во вторникот.
ТВ-мрежата, дел од компанијата Волт Дизни, не откри детали за тоа како ќе се одвива шоуто од 20 септември, а на кое се доделуваат највисоки почести за најдобрите од телевизиксите екрани. Продукцијата на настанот ќе тече во период кога пандемијата на коронавирус принуди откажување на многубројни манифестации во живо.
„Не знам каде и како ќе го сториме тоа, па дури и зошто го правиме тоа, но, подготовките се во тек и јас сум домаќинот,“ рече Кимел.
Наградите „Еми“ обично се одржуваат во живо во Лос Анџелес пред публика на sвездите од таканаречената А-листа и им претходи црвен тепих. Не е јасно дали церемонијата ќе се случи порано оваа година, поради ограничувањата на големи собири и препораките за социјално дистанцирање.
Во соопштението стои дека дополнителни детали ќе бидат објавени наскоро. Сценарија што се разгледуваат вклучуваат комплетно виртуелен настан или комбинација на однапред снимени сегменти и онлајн настапи, според холивудското списание „Варајати“.
Од средината на март, пандемијата на коронавирус ја прекина продукцијата на телевизиски емисии и филмови ширум светот, и доведе до откажување на филмските фестивали и концерти во живо.